Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ застана зад Стојаноска: Видеото не е напад, туку прашање за злоупотреба на службено возило

11

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска застана во одбрана на пратеничката Дафина Стојаноска, која на својот официјален фејсбук-профил објави видео на кое се гледа претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, заедно со неговите малолетни деца.

Реакцијата следува откако Трендафилов на прес-конференција ја обвини Стојаноска дека со објавување на видео снимено без негово знаење се врши притисок врз него и неговата синдикална борба за зголемување на минималната плата, како и дека станува збор за злоупотреба на малолетни деца и доказ дека тој и неговото семејство се следени.

Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлаат овие наводи и велат дека станува збор за „очајни обиди за дефокусирање од вистината“.

„Правосудните органи веќе имаат чист случај пред себе во кој Трендафилов треба да даде исказ и да сноси одговорност за злоупотреба на службено возило за приватни цели. Додека ги повикуваше пратениците да одат пешки, тој истиот ден се појави на протест со службено возило, кое, според објавените снимки, се користело и за семејни потреби“, наведуваат од пратеничката група.

Тие го повикаа Јавното обвинителство да отвори постапка и да го истражи користењето на службеното возило во ССМ од денот на неговото назначување до денес.

Во однос на видеото, од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека снимката била преземена од социјални мрежи и дека е јавно достапна.

„Најверојатно е снимена од револтиран работник или член на ССМ“, се наведува во реакцијата, во која се додава дека објавеното видео не претставува напад, туку „огледало во кое Трендафилов не може да се погледне“.

Со соопштение реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ како партија, оценувајќи дека „фијаското на протестите на ССМ и обелоденувањето на партиската позадина зад нив“ се причина за, како што велат, „нервозата“ на Трендафилов.

„Доколку смета дека му е загрозена приватноста, нека пријави во надлежните институции“, порачуваат од партијата.

Македонски