Трендафилов обвини дека бил следен и дека се злоупотребени неговите деца – побара одземање на имунитетот на Дафина Стојаноска
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, денеска обвини дека бил следен, а како што рече, „најлошо од сè е што биле злоупотребени неговите деца“. Тој ја посочи пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, која на својот официјален профил објавила видео на кое се гледаат Трендафилов и неговите две малолетни деца како влегуваат во возило.
Видеото било објавено ден пред протестот и блокадата на Собранието што ја организираше ССМ во рамки на барањата за зголемување на работничките плати. Во објавата Стојаноска напишала: „Не слушајте што зборува, туку гледајте го како се однесува… Трендафилов, службеното возило на ССМ и приватните обврски…“.
На прес-конференција во седиштето на ССМ, Трендафилов рече дека може да биде сниман колку што сакаат, но дека е недозволиво да се злоупотребуваат малолетни деца за политички притисок.
Може да ме уценуваат, да ме напаѓаат и да ми се закануваат. Нема да потклекнам сe додека не се зголемат работничките плати“, изјави тој.
Трендафилов тврди дека снимката е направена во Велес, каде што живее неговото семејство и каде што неговите деца одат на училиште. Според него, станува збор за кривично дело и доказ дека е следен во континуитет.
Тој побара:
-
Министерството за внатрешни работи и Обвинителството веднаш да преземат мерки,
-
да се утврди кој го снимал видеото,
-
на пратеничката Стојаноска да и биде одземен имунитетот,
-
премиерот да ја разреши од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ,
-
а претседателот на Собранието да поведе постапка за одземање на пратеничкиот имунитет.
Трендафилов изјави дека на видеото не се гледаат само неговите деца, туку и други ученици, поради што ја повика и министерката за образование да се огради од, како што рече, злоупотребата на малолетници во училишен двор.
Објавувањето на малолетни деца за да ми се наштети мене е злоупотреба што не е дозволена никаде во светот“, рече Трендафилов, најавувајќи дека за случајот ќе бидат информирани амбасадите, Делегацијата на ЕУ и меѓународните синдикални организации.
Тој постави и јавно прашање до министерот за внатрешни работи дали службите го следат претседателот на ССМ и дали ги снимаат неговите деца.