„Сејф сити“ донесе повнимателно возење: Помалку ризици на улиците, но полицијата останува клучна

5

Утрово, на првиот работен ден откако започна санкционирањето преку системот „Сејф сити“ во Скопје, беше забележливо попрописно и повнимателно однесување на возачите во сообраќајот.

„Се движиме побавно од порано, но редот што се создаде ги намали ризичните ситуации и возењето сега е многу полесно“, изјави возач на крстосницата кај Тутунскиот комбинат.

Подобрената сообраќајна култура ја потврди и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој информираше дека системот вчера, до 20 часот, регистрирал околу 500 прекршоци.

„Упатувам огромна благодарност до граѓаните и совесните учесници во сообраќајот, затоа што овозможивте драстично намалување на прекршоците – од околу 120 илјади во период од два месеци, на само 500“, порача Тошковски.

Системот „Сејф сити“ автоматски санкционира пречекорување на дозволената брзина, минување на црвено светло, управување нерегистрирано возило и непрописно паркирање.

Сепак, останува отворено прашањето за возачите кои управуваат возила без возачка дозвола – прекршок кој не може директно да се детектира преку камерите. Податоците на МВР покажуваат дека само во првите девет месеци од минатата година биле санкционирани над 18.450 возачи без дозвола, од кои повеќе од 3.200 во Скопје.

Оттука, и покрај активирањето на „Сејф сити“, неопходно е засилено присуство и работа на сообраќајната полиција, не само поради несовесните возачи, туку и поради пешаците кои често ја минуваат улицата на непрописни места.

Македонски