Филипче: СДСМ ги затвора внатрешните поделби и излегува на терен за борба за државата

17

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче се обрати кон делегатите на 31. Конгрес на партијата и повика на внатрешно обединување и активна политичка мобилизација, порачувајќи дека партијата става крај на поделбите и повторно се отвора за сите социјалдемократи кои, како што рече, и мислат добро на државата.

Филипче нагласи дека СДСМ нема простор за лични суети, пасивност или, како што рече, „Тројански коњи“ во партиските редови, алудирајќи на поединци кои работат во интерес на политичките противници. Тој најави дека партијата ќе ја напушти пасивната комуникација и ќе започне директна работа на терен, со цел повторно да ја доближи политиката до граѓаните.

Според него, СДСМ има историска улога и државотворна мисија, поврзана со идеалите на 1944 година, кои, како што истакна, и денес ја обврзуваат партијата да ја штити државата од поделби, корупција и изолација. Симболиката на црвената боја, додаде Филипче, не е формалност, туку потсетник на одговорноста кон Републиката.

Лидерот на СДСМ порача дека партијата е „одбранбен механизам на општеството“ и фактор што носи промени, потенцирајќи дека во критични моменти во историјата токму СДСМ била насоката и гласот на отпорот.

Во обраќањето, Филипче упати остри критики кон актуелната власт, оценувајќи дека ветувањата за достоинство и гордост резултирале со разочарување и социјална несигурност. Тој порача дека СДСМ останува подготвена за, како што рече, храбра и чесна борба за државата и за граѓаните, потенцирајќи дека надежта, според него, и понатаму го носи името на партијата.

Македонски