Бугарија од 1 јануари 2026 официјално го воведува еврото, левот заминува во историјата
Од 1 јануари 2026 година, Бугарија официјално го воведува еврото како единствено законско средство за плаќање, со што националната валута – бугарскиот лев – престанува да биде во употреба.
Надлежните институции предупредуваат дека за време на новогодишната ноќ се можни привремени технички прекини во банкарските и платните системи, поради транзицијата кон новата валута. Во тој период нема да биде возможно плаќање со картички, ниту подигнување готовина од банкомати.
Според најавите, техничкото „ресетирање“ на банкарските системи ќе се одвива во ноќта меѓу 31 декември и 1 јануари, при што ПОС-терминалите во продавниците и угостителските објекти ќе бидат привремено надвор од функција, а банкоматите нема да издаваат пари ниту да прифаќаат картички.
Прекинот се очекува да трае од околу 21 часот на 31 декември до приближно еден и пол час по полноќ, по што системите постепено ќе бидат ставени во функција, но веќе со новата валута – евро. Поради тоа, на граѓаните и туристите им се препорачува навремено да обезбедат доволно готовина.
Официјалниот фиксен курс за конверзија е утврден на 1 евро за 1,95 лева.
Со влезот во Еврозоната, Бугарија станува 21-ва членка на монетарната унија и добива право на учество во Советот на гувернери на Европската централна банка, со што ќе може директно да учествува во креирањето на монетарната политика на Еврозоната.