Започна зимскиот распуст: учениците се враќаат на настава на 20 јануари
Зимскиот распуст започнува денеска за учениците од основните и средните училишта во земјава. Учениците повторно ќе се вратат во училишните клупи на 20 јануари.
Во периодот на распустот, наставниците и професорите имаат обврска да ги внесат и заклучат оценките во електронскиот дневник за успехот на учениците во првото полугодие.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска неодамна, на брифинг со новинарите, најави дека од оваа учебна година започнува постепено воведување на електронски свидетелства. Во првата фаза тие ќе се применуваат за учениците од прво до трето одделение, потоа за четврто, петто и шесто, а во наредната фаза и за седмо, осмо и деветто одделение.
Крајната цел е целосно укинување на хартијата, при што училиштата самостојно ќе ги повлекуваат потребните податоци за упис, истакна Јаневска.
Министерката додаде дека новиот електронски дневник функционира стабилно и дека се надминати проблемите од минатото, како што беа губењето или незачувувањето на оценките.
Таа најави и дека во второто полугодие ќе продолжи процесот на воведување едносменска настава во училиштата низ земјава.