Грчките земјоделци привремено ги прекинуваат блокадите: патиштата и граничните премини отворени до петок

7

Патиштата низ Грција и граничните премини кон соседните земји ќе бидат целосно проодни во наредните три дена, откако грчките земјоделци донесоа одлука привремено да ги суспендираат блокадите до петок, со цел да се олесни празничното патување.

Граничниот премин „Евзони“, кој во изминатиот период беше повремено затворан, ќе остане целосно отворен за сообраќај. Иако земјоделската механизација и понатаму е распоредена во близина на патиштата и границите, тракторите нема да го попречуваат движењето на возилата.

Од земјоделските здруженија најавуваат дека протестите, кои започнаа на 30 ноември, ќе продолжат по завршувањето на празниците. Одлуката за идните активности ќе биде донесена на заеднички состанок закажан за недела, кај патарината Малгара во близина на Солун.

Земјоделците и понатаму инсистираат на истите барања: исплата на заостанатите субвенции, намалување на високите трошоци за производство, подобрување на откупните цени, како и целосно расчистување на случајот поврзан со европските земјоделски фондови.

Македонски