Советот на Општина Охрид едногласно го усвои буџетот за 2026 година

26

Советот на Општина Охрид, на последната седница за оваа година, едногласно го усвои буџетот за 2026 година, кој, како што беше истакнато, има развоен карактер и претставува резултат на домаќинското и одговорно работење на актуелната локална самоуправа.

Во склоп на усвоениот буџет влегуваат и двата амандмани односно два проекти предложени од страна на советникот од ВМРО-Народна партија, Ванчо Костоски за:

  • Изработка на проект за санација и ставање во функција на водоводот од с. Плаќе (познат како водовод на „Емо“)
    Со санација на истиот трајно ќе се реши проблемот со водоснабдување на селата Ливоишта, Вапила и другите села во околината.
  • Пробивање на пат до споменикот на легендарниот Охридски војвода Аргир Маринчев кој се наоѓа во с. Куратица.
    Заедно со предлогот за асфалтирање на патот до црквата Св. Богородица во с. Куратица.

Вкупните приходи на Општина Охрид за 2026 година, планирани по сите основи, изнесуваат 2.375.182.576 денари.

Во рамки на буџетот, за капитални расходи се предвидени 25.354.000 денари. За урбанистичко планирање се наменети 3.000.000 денари, додека за уредување на градежно земјиште се издвоени 11.400.000 денари, како и дополнителни 250.470.000 денари за активности поврзани со уредување и развој на инфраструктурата.

Средства се планирани и за поддршка на локалниот економски развој, за што се издвојуваат 9.300.000 денари, додека за поттикнување и развој на туризмот се предвидени 18.425.490 денари.

Од Општина Охрид наведуваат дека со ваквата распределба на средствата се создава основа за понатамошен развој на градот, подобрување на инфраструктурата и зајакнување на економските и туристичките потенцијали.

Македонски