ДКСК: 54 градоначалници не доставиле изјава за имотна состојба, ќе следат прекршочни постапки

15

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) информира дека, согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, извршила проверка на регистерот за имотна состојба и интереси на градоначалниците избрани или разрешени по Локалните избори 2025 година.

Според член 82 став 1 од законот, сите новоизбрани градоначалници имаат обврска најдоцна во рок од 30 дена од денот на изборот да поднесат изјава за имотна состојба и интереси. Дополнително, согласно член 82 став 3, истата обврска постои и по престанокот на функцијата.

По извршената проверка, ДКСК констатирала дека:

  • 35 поранешни градоначалници, по престанокот на функцијата, не поднеле изјава за имотна состојба и интереси;

  • 19 новоизбрани градоначалници не ја исполниле обврската за доставување изјава по стапување на функцијата.

За овие 19 лица, Комисијата најавува дека ќе иницира постапки согласно закон, со издавање прекршочен платен налог.

Од ДКСК посочуваат дека ќе продолжат со следење на состојбата и предупредуваат дека за сите лица кои и понатаму нема да ја исполнат законската обврска, ќе бидат покренати постапки за проверка на нивната имотна состојба и интереси.

Комисијата најави дека во прилог ќе бидат објавени и табели со имињата на лицата кои не доставиле изјава за имотна состојба и интереси.

Македонски