Македонија над европскиот просек по број на автобуси, но со речиси целосно дизел возен парк

14

Во 2024 година, во земјите на Европската Унија биле регистрирани вкупно 737.142 автобуси и моторни автобуси, вклучително тролејбуси, минибуси и микробуси, што претставува просек од 1,6 автобуси на 1.000 жители, покажуваат податоците на Евростат.

Северна Македонија, со 3.690 автобуси, односно два автобуси на 1.000 жители, се наоѓа над европскиот просек.

Најмногу автобуси по глава на жител во Малта

Највисока стапка на автобуси на 1.000 жители е забележана во Малта (4,6), по што следуваат Луксембург (4,0) и Естонија (3,7). Најниски стапки имаат Холандија (0,5), Германија (1,0) и Австрија (1,2).

Во регионот, Албанија води со 3,8 автобуси на 1.000 жители, пред Романија (3,0) и Бугарија (2,8). Потоа следуваат Грција (2,6), Црна Гора (2,4), Северна Македонија (2,0), Србија (1,8), Хрватска (1,5) и Босна и Херцеговина (1,3).

Расте бројот на автомобили, автобусите стагнираат

Стапката на моторизација на автобуси во ЕУ останала релативно стабилна во последната деценија, за разлика од патничките автомобили, чиј број пораснал од 506 на 578 автомобили на 1.000 жители меѓу 2014 и 2024 година.

Северна Македонија, со 319 автомобили на 1.000 жители, и натаму е под европскиот просек, но бележи значителен раст во споредба со 2014 година (180 автомобили).

Македонија со висока стапка на обнова на автобуси

Во 2024 година, во просек 5,1% од автобускиот возен парк во ЕУ бил обновен. Македонија се издвојува со 379 нови автобуси, што претставува стапка на обнова од 10,2%, двојно над европскиот просек.

Највисока стапка на обнова во ЕУ има Луксембург (11,6%), пред Холандија (9,6%) и Австрија (9,5%), додека најниски се Бугарија (0,7%), Полска (2,4%) и Унгарија (2,5%).

Речиси сите автобуси во Македонија се на дизел агрегати

И покрај европските напори за почист јавен превоз, македонскиот автобуски возен парк останува речиси целосно дизелен. Според податоците на Државниот завод за статистика, од вкупно 3.690 автобуси во 2024 година:

  • 3.609 се дизел (97,8%)

  • 63 се бензинско-гасни (1,7%)

  • само 15 се електрични (0,4%)

На ниво на ЕУ, уделот на новорегистрирани автобуси со нулта емисија во 2024 година изнесувал 17,8%, што е повисоко од уделот кај патничките автомобили (13,5%).

Македонски