„Нетфликс“ во ексклузивни преговори за историска аквизиција на „Ворнер Брос Дискавери“
„Ворнер Брос Дискавери“ започна ексклузивни преговори со „Нетфликс“ за продажба на своите филмски и ТВ-студија, како и стриминг-платформата HBO Max, пренесуваат добро упатени извори. „Нетфликс“ понудил компензација од 5 милијарди долари во случај регулаторите да ја блокираат зделката, а договорот би можел да биде официјално објавен во наредните денови.
Со ова, „Нетфликс“ станува водечки кандидат пред конкурентите Paramount Skydance и Comcast, кои исто така доставија понуди. Пред продажбата да биде финализирана, „Ворнер Брос“ ќе ја заврши планираната поделба на кабелските канали — CNN, TBS и TNT.
Доколку зделката успее, тоа би било драматично преструктуирање во светската забавна индустрија: најголемиот стриминг-сервис во светот би станал сопственик на легендарните студија во Бурбанк и целата библиотека на HBO, вклучувајќи ги „Сопранови“, „Белиот лотос“, „Хари Потер“ и „Пријатели“.
Ова би било најголемата аквизиција во историјата на „Нетфликс“, компанија која ја изгради својата позиција без сопствено студио и долго се потпираше на лиценцирани содржини.
Напнато наддавање и правни реакции
Paramount реагираше остро, обвинувајќи дека процесот на продажба бил „компромитиран“ и дека фаворизирал договор со „Нетфликс“. Од таму тврдат дека нивната понуда би минала полесно кај глобалните регулатори.
Според анализите на Bloomberg Intelligence, понудата на „Нетфликс“ од околу 30 долари по акција го вреднува „Ворнер Брос“ на околу 75 милијарди долари. Комбинираната база од околу 450 милиони претплатници на двете компании би можела да предизвика сериозни антимонополски грижи.
Американски конгресмени веќе испратија критики, предупредувајќи дека аквизицијата може да ја зголеми пазарната концентрација и да наштети на потрошувачите.
Промени кои ќе го погодат Холивуд
Стравувањата во Холивуд растат — особено бидејќи „Нетфликс“ ретко пушта филмови во киносали, што би можело да значи промена во начинот на дистрибуција на идните продукции на „Ворнер Брос“.
Иако ништо не е финализирано, можно е веќе во наредните денови да се дознае дали „Нетфликс“ ќе направи потег што може да ја редефинира целата забавна индустрија.