28 специјализанти добија решенија за работа во Тетовската клиничка болница
Дваесет и осум специјализанти денес добија решенија за работа во Клиничката болница во Тетово. Документите им ги врачија министерот за здравство Азир Алиу и директорот на болницата, Шкелзен Елези. Алиу истакна дека ова е првата фаза од доделувањето на решенијата.
„Им посакувам на овие млади лекари да го дадат својот максимум и да нè направат горди како општество. Ова е само прв дел, ќе следува и втора фаза бидејќи според европските стандарди сè уште имаме недостиг од лекари“, изјави министерот Алиу.
Директорот Елези посочи дека најголем недостиг на кадар има на Инфективното одделение, Хематологија и Рендгенологија, и изрази уверување дека овој и следниот конкурс ќе помогнат во нивно пополнување.
Во врска со вработувањето на 155-те медицински сестри, чија постапка беше запрена поради изборите, Елези рече дека процесот е во завршна фаза.
„Обврзан сум овој конкурс да го реализирам. Во тек е проверката на тестовите на кандидатите, по што од следната недела ќе следуваат интервјуа. Многу скоро ќе биде спроведена целата постапка“, рече Елези.
Во изминатиот период, 155 медицински сестри протестираа поради тоа што болницата не им исплаќаше плати три месеци, а голем дел од нив со години работеа со договор на дело.