Помалку прекршоци на вториот ден од „Safe City“ – граѓаните поделени, МВР задоволно од резултатите

11

На вториот ден од пробното функционирање на системот „Safe City“ во Скопје, бројот на сообраќајни прекршоци е значително намален. Иако возачите се соочуваат со колони и подолго чекање на семафорите, дел од нив велат дека ќе се навикнат на новиот режим на возење, ставајќи ја безбедноста во преден план.

Постарите граѓани го поздравуваат системот

Голем дел од повозрасните граѓани го поддржуваат проектот, сметајќи дека е неопходен за безбедноста на пешаците.

„Ова одамна требаше да се постави. Доволно беше една недела тестирање – веднаш во акција! Само првиот ден имаше 110 илјади прекршоци, тоа значи дека е итно потребно. Пешаците сме најнезаштитени“, вели граѓанин.

Други додаваат дека системот треба да почне со казнување веднаш, без исклучоци:

„Нема брат, сестра, врски. Сите да бидат казнети.“

Возачите: „Не можеш да направиш несреќа, сите возат 40–50“

Дел од возачите истакнуваат дека новиот режим на возење ја смирува ситуацијата во сообраќајот.

„Да не ти се верува – дури и ако сакаш, не можеш да направиш несреќа. Возењето е 40–50 низ град. Ќе се навикнеме,“ вели скопјанец.

Друг граѓанин посочува дека се забележува позитивна разлика:

„Многу подобро е. Мислев дека ќе се намали сообраќајот, а излезе спротивното – возилата се движат подобро.“

Дел од младите – остро против мерките

Од друга страна, младите возачи сметаат дека системот создава дополнителен стрес и небезбедност.

„Каде да гледаме – горе во камерата или на пешаците? Пречи при возење. Казнуваат за 51 кога дозволено е 50. Создава непотребен притисок,“ вели граѓанин.

Друг млад возач вели дека камерите треба да се укинат:

„Не можеме да ги возиме автомобилите!“

МВР: прекршоците преполовени за само 24 часа

Според податоците на Министерството за внатрешни работи, бројот на прекршоци значително опаднал на вториот ден.

  • Прв ден: 110.000 прекршоци

  • Втор ден: 50.652 прекршоци

    • 48.861 за брзина

    • 1.366 за минување на црвено

    • 425 за нерегистрирани возила

Од МВР велат дека граѓаните „ја сфатиле пораката“ и го прилагодуваат возењето на новите правила.

По Скопје, системот ќе се активира во Куманово и Тетово во наредните денови. На автопатите долж Коридор 10 и 8 ќе биде пуштен во текот на неделата.

Властите ја поставија целта до средината на 2026 година да бидат покриени сите градови со „Safe City“ камери, а до 2050 година – бројот на жртви од сообраќајни несреќи да се сведе на нула.

Makedonski