КЗК откри картел меѓу 10 осигурителни компании – изречени казни од над 17 милиони денари

8

Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата донесе решение со кое утврди постоење на усогласено однесување – картел – меѓу десет осигурителни компании на пазарот на осигурување од автомобилска одговорност (АО), што е задолжително за сите сопственици на моторни возила при нивна регистрација.

Станува збор за компаниите: Евроинс осигурување, Триглав осигурување, Македонија – Виена Иншуренс Груп, Сава осигурување, Еуролинк, Граве, Уника, Осигурителна полиса, Халк осигурување и Кроација осигурување.

Координација на цените во краток рок

Во постапката било утврдено дека во периодот 1 март – 7 мај 2024 година, компаниите разменувале чувствителни информации, координирале активности и речиси истовремено донеле идентични или усогласени одлуки за зголемување на т.н. режиски додаток – дел од премијата за вршење осигурителна дејност.

Овој вид однесување, според Комисијата, претставува „ограничување на конкуренцијата по своја цел“, односно најтешка форма на повреда согласно член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата. Наместо независни деловни одлуки, компаниите практикувале колективно дејствување, што е строго забрането.

Изречени глоби

Врз основа на утврдените факти, Комисијата им изрече прекршочни санкции во вкупен износ од 17.266.930 денари.

Комисијата со најави за засилена контрола

Од КЗК порачуваат дека остануваат посветени на спречување на картели, заштита на фер пазарни услови и обезбедување здрава конкурентска средина во интерес на потрошувачите и стопанството.

Makedonski