Објавени резултатите за социјални и дуални средношколски стипендии за учебната 2025/2026
Министерството за образование и наука (МОН) ги објави резултатите од Конкурсот за доделување 900 социјални стипендии за ученици од јавните средни училишта, како и од Конкурсот за доделување 1570 стипендии за ученици запишани во дуални паралелки за учебната 2025/2026 година.
Во објавата, МОН информира дека сите апликанти ќе ги добијат своите решенија преку електронскиот портал e-uslugi.mon.gov.mk, во делот „Мои апликации“, колоната „Документ за одлука“. Министерството нагласува дека незадоволните апликанти не треба да поднесуваат приговори или жалби пред да го добијат официјалното решение.
По приемот на решението, доколку има основ за жалба, таа се поднесува во рок од 15 дена до Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен. За малолетните ученици, жалбата треба да ја поднесе родител или старател. Комисијата се наоѓа на бул. „Гоце Делчев“ бр.18, во зградата на МРТВ на 11-ти кат.
Од МОН додаваат дека учениците кои ќе добијат стипендија нема потреба да доставуваат испечатени и потпишани договори, бидејќи сите права и обврски поврзани со користењето на стипендијата се наведени директно во издаденото решение.