Грција со голем вселенски исчекор: лансирани пет микросателити во соработка со SpaceX
Грција официјално влезе во „орбиталната ера“ со лансирањето на пет микросателити во рамки на Greek National Microsatellite Program — стратегиска државна иницијатива финансирана преку европските фондови за опоравување. Лансирањето беше успешно изведено со ракетата Falcon 9 на SpaceX, како дел од мисијата Transporter-15.
Од петте микросателити, два се развиени во партнерство со финско-грчката компанија ICEYE и користат SAR-технологија (Synthetic Aperture Radar). Оваа напредна радарска технологија овозможува прецизно набљудување на Земјата — детекција на промени на теренот, следење пожари и поплави, како и идентификација на инфраструктурни оштетувања — независно од временските услови или видливоста.
Останатите три микросателити се дело на грчки истражувачки и технолошки институции. PHASMA-1 и PHASMA-2 тестираат иновативни системи за безбедна комуникација и мониторинг на радиофреквенциски спектар, додека MICE-1 е ориентиран кон поддршка на IoT-мрежи, следење на морски транспорт и набљудување на индустриска инфраструктура.
Со овој потег, Атина поставува темели за сопствена вселенска инфраструктура и отвора простор за развој на домашните технолошки компании во брзорастечката европска вселенска економија. Долгорочната цел на програмата е да обезбеди клучни податоци за национална безбедност, урбанистичко планирање, управување со катастрофи и технолошка автономија.