Москва и Вашингтон без пробив во мировниот план: Путин се заканува, САД со оптимистички пораки дека постои „одреден напредок“
Разговорите меѓу Русија и САД за потенцијален мировен договор за Украина завршија без конкретен напредок, соопшти високиот советник на Кремљ, Јуриј Ушаков. Изјавата дојде само неколку часа откако рускиот претседател Владимир Путин упати остри предупредувања дека Русија е „подготвена за војна со Европа, доколку Европа ја започне“.
По петчасовната средба со американскиот специјален пратеник Стив Виткоф и зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер, Ушаков изјави дека двете страни „не се ниту поблиску, ниту подалеку од решение за украинската криза“. Иако разговорите ги оцени како „корисни и конструктивни“, тој призна дека нема согласност за клучните точки, вклучувајќи ја и можната линија на територијална поделба во евентуален мировен договор.
Ушаков потврди дека Москва има „критички, па дури и негативни забелешки“ за голем дел од предложениот американски мировен план. Некои детали од разговорите засега нема да бидат објавени, а тој додаде дека нов самит меѓу Трамп и Путин „не е извесен“.
САД: „Има одреден напредок“
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, со умерено пооптимистички тон изјави дека е постигнат „одреден напредок“ во делот на безбедносните гаранции за Украина.
„Трудиме да разбереме што би обезбедило долгорочна безбедност за Украинците. Се надеваме на компромис кој ќе им овозможи да ја обноват и развиваат својата економија“, рече Рубио.
Путин со остри обвинувања кон Европа
Оптимизмот на Вашингтон дојде по жестокиот настап на Путин, кој ги обвини европските држави дека го блокираат мировниот процес.
„Европа ја спречува американската администрација да постигне мир. Ние не сакаме војна со Европа, но ако Европа започне – подготвени сме веднаш“, изјави Путин, без да прецизира кои европски барања ги смета за неприфатливи.
Американски делегации меѓу Москва и Киев
Виткоф и Кушнер пристигнаа во Москва по разговорите во Флорида со украинските претставници, каде беше разгледана ревидираната верзија на мировниот документ од 28 точки – првично оценет како премногу наклонет кон Русија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој очекува „сигнали“ по средбата во Кремљ, истакна дека новата верзија на планот „изгледа подобро“, но допрва треба да се финализира. Тој остро се спротивставува на делови од оригиналниот план кои бараат Украина да се откаже од дел од територијата и да ја ограничи големината на својата армија.
„Подготвен сум да ги примам сите сигнали и за средба со претседателот Трамп“, напиша Зеленски, посочувајќи дека исходот зависи од разговорите во Москва.
Според американски медиуми, Зеленски наскоро би требало да се сретне со Виткоф и Кушнер во Европа.
Неизвесноста останува да лебди
И покрај зголемената дипломатска активност, скептицизмот е силен – многу аналитичари сметаат дека Русија нема намера да прави отстапки додека гледа растечка напнатост меѓу администрацијата на Трамп и европските сојузници.
За сега, мировниот процес останува во ќор-сокак, а војната – во својата најкрвава фаза – продолжува без јасни знаци за брзо решение.