Радев со остра порака: Владата е посрамена – оставка веднаш предвремени избори се единствениот излез
Бугарскиот претседател Румен Радев упати остро вонредно обраќање до нацијата по масовните протести што ја зафатија Бугарија во понеделник навечер, кога десетици илјади граѓани излегоа на улиците изразувајќи револт против нацрт-буџетот и владејачката коалиција.
„Бугарите го кренаа гласот против беззаконието и киднапираната држава, против управувањето со пари, компромитирање и страв“, изјави Радев. „На Бугарија и се потребни вистински промени. Владата е посрамена. Оставката е итна.“
„Очекувањето за правда е поголемо од стравот“
Претседателот истакна дека масовноста на протестите — 80.000 демонстранти само во Софија — покажува дека граѓаните не се плашат ниту од притисоци, ниту од технички саботажи како прекините на струја или нефункционалните ескалатори во метрото.
„Илјадници скандираа ‘Оставка’. Тоа е гласот на личното достоинство и потребата од правда“, рече Радев, додавајќи дека протестите се израз на „грижата за иднината на сопствените деца“.
„Ова не е судир со полицијата – туку провокација од мафијата“
Радев остро ги осуди инцидентите забележани за време на протестите, тврдејќи дека тие биле намерно организирани.
„Ова не е судир меѓу полицијата и демонстрантите, туку провокација од мафијата, која сака да ги спротивстави. Постојат само два чекора нанапред: оставка и предвремени избори“, нагласи тој.
Претседателот повика на смиреност и воздржаност, но и на решителност во барањето одговорност.
„Насилството мора да престане. Бугарите рекоа НЕ на оваа влада“, порача Радев.
Владата под притисок – го повлекува буџетот за 2026 година
По најмасовните протести во последните децении, бугарската влада утрово на вонредна седница одлучи да побара од Парламентот повлекување на предложениот буџет за 2026 година.
Според политичките аналитичари, ова е првиот знак дека власта сериозно се соочува со притисок, но прашање е дали тоа ќе биде доволно за да се смири јавноста која сè погласно бара оставка и предвремени избори.