Вонредна контрола во училиштата во Карпош: Нема патогени бактерии во храната, но откриени ентеробактерии на две површини

7

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во соработка со службени лица од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), на 27 ноември спроведе вонредни контроли во девет основни училишта на територијата на општина Карпош.

Во текот на проверките беа земени мостри од храна и брисеви од работни површини во кујните на училиштата, со цел да се утврди состојбата со хигиената и безбедноста на храната што ја добиваат учениците.

Резултатите: Нема патогени бактерии во храната

Лабораториските анализи не открија присуство на патогени бактерии во ниту еден од испитуваните примероци од храната. Ова, како што велат надлежните, покажува дека понудените оброци биле микробиолошки безбедни.

Во едно од училиштата, на две тестирани површини е откриено присуство на ентеробактерии – индикатор за недоволна хигиена и потенцијален ризик доколку не се преземат навремени мерки.

Информациите поврзани со состојбата во ОУ „Димо Хаџи Димов“ веќе се претходно доставени до надлежните институции.

Институтот за јавно здравје најави иницијатива за измени во Националната годишна програма за јавно здравје, како и дополнувања на релевантните правилници, закони и подзаконски акти. Целта е подобрување на хигиенските стандарди во училиштата и детските градинки, како и обезбедување побезбедна храна и вода за најмладите.

Овие мерки, според ИЈЗ, се чекор напред во унапредувањето на јавноздравствената заштита и превенцијата од евентуални ризици во воспитно-образовните установи.

Во меѓувреме повеќе од 70 родители на ученици од Основното училиште „Димо Хаџи Димов“ поднесоа писмено барање до директорката и до Советот на родители, во кое бараат итни и конкретни мерки за подобрување на хигиенските услови и безбедноста на храната во училиштето.

Реакцијата доаѓа по инцидентот од минатата недела, кога дел од учениците побараа медицинска помош поради желудочни тегоби. Лабораториските анализи на Институтот за јавно здравје утврдија присуство на фекални бактерии во мусаката која им била послужена, како и на неколку површини во кујната. Потврдени се и шест случаи на норовирус кај децата.

Родителите инсистираат на:

  • Јасен план за редовен и засилен санитарен надзор,

  • Строга контрола врз операторот кој ја подготвува храната,

  • Прецизен протокол за хигиена на просториите и санитарните јазли,

  • Конкретни чекори за спречување на идентични инциденти,

  • Писмена гаранција за безбедност, односно официјален извештај по контролите и потврда дека просториите, кујната и опремата се усогласени со санитарните стандарди.

Според родителите, сите ризици за здравјето на учениците мора да бидат целосно отстранети и тоа да биде транспарентно документирано.

Во барањето се наведува дека, доколку училиштето не ги исполни своите законски обврски, родителите ќе ја вклучат општината, Министерството за образование и наука и другите надлежни институции. Не ја исклучуваат ни можноста за иницирање дополнителни постапки доколку не добијат точни и навремени информации.

Тие потсетуваат дека игнорирањето или непочитувањето на законските одредби претставува сериозен пропуст и повреда на повеќе нормативни акти, за што училиштето сноси и управна и материјална одговорност.

Родителите јасно истакнуваат дека не прифаќаат усни ветувања и неофицијални информации, туку бараат целосна отчетност и гаранции за заштита на здравјето на своите деца.

Makedonski