Жителите на Западен Балкан речиси двојно помалку купуваат онлајн од граѓаните на ЕУ
Жителите на Западниот Балкан на возраст од 16 до 74 години во 2024 година значително поретко купувале стоки или услуги преку интернет во споредба со граѓаните на Европската Унија, покажуваат најновите податоци на Евростат. Според статистиката, просечно 60,2% од жителите на ЕУ направиле најмалку една онлајн-нарачка, додека во регионот овој процент е речиси двојно помал.
Во Македонија, 39,4% од населението користело интернет за купување – резултат подобар од Босна и Херцеговина (34,8%), Црна Гора (24,5%) и Албанија, каде стапката е најниска и изнесува само 16,3%. Секоја од овие држави е забeлежана како посебен статистички регион во анализата.
Србија, која е поделена на четири статистички региони, покажува поразвиен онлајн-пазар. Во Белград онлајн пазарувале 52,4% од жителите, додека во останатите региони стапките се движат меѓу 44,3% во Јужна и Источна Србија, 44,9% во Западна Србија и 48,4% во Војводина.
Ниту земјите членки на ЕУ од Балканот не го достигнуваат европскиот просек. Во Хрватска онлајн купуваат 52,5% од граѓаните. Во Словенија, стапката е 49,8% во источниот дел и 58,9% во западниот. Грција бележи најголеми внатрешни разлики: од 40,8% во Централна Грција до високи 68,3% во регионот Егејски Острови – Крит.
Бугарија останува една од земјите со најниска дигитална комерција во ЕУ. Процентот на онлајн купувачи се движи од 21,7% во југоисточниот регион, 24,9% во северозападниот, 26,5% во јужниот, 33,1% во североисточниот, 36,8% во северниот, до 44,7% во југозападниот регион каде спаѓа и Софија.
Во Романија, најголема активност има во Букурешт, каде што онлајн купувале 51% од граѓаните. Во другите седум статистички региони стапките се движат од 26,4% до 40%.
Анализата покажува дека дигиталните навики меѓу балканските земји заостануваат зад европскиот просек, со изразени регионални разлики кои укажуваат на економски и инфраструктурни нееднаквости.