Руски напад врз Киев: Едно загинато лице и седуммина повредени, меѓу кои и дете
Најмалку едно лице загина, а седум други, меѓу кои и 13-годишно дете, се повредени во ракетен и дронски напад врз Киев изутринава, јавува Би-би-си. Раните утрински експлозии предизвикаа значителна материјална штета на станбени објекти во повеќе делови од украинската престолнина.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, соопшти дека четири лица се хоспитализирани. Пожар избувнал на пониските катови од една висококатница западно од центарот на градот, додека друг пожар бил брзо ставен под контрола во централниот дел.
Шефот на градската воена администрација, Тимур Ткаченко, потврди дека ракетните и дронските удари погодиле неколку цели на периферијата на Киев. Воздушната одбрана, како што рече, била активирана против повеќе дронови што летале кон градот.
Според регионалните власти, нападите продолжиле и надвор од престолнината. Во Бровари, источно од Киев, две жени биле повредени откако руски ракети и дронови погодиле станбени населби.
Овој напад следува само неколку дена по претходното масовно руско бомбардирање во кое загинаа седум лица во Киев. Истовремено, беа регистрирани жртви и во руската област Ростов.
Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот ги повтори своите услови за прекин на огнот, барајќи украинско повлекување од териториите што Москва ги смета за свои. Тој најави и дека следната недела во Москва ќе пристигне американска делегација, предводена од специјалниот пратеник Стив Виткоф, за разговори околу предложениот мировен документ.