Во примерок од мусаката што била послужена во првата смена во основното училиште „Димо Хаџи Димов“ се откриени грам-негативни бактерии од групата Enterobacteriaceae
Во примерок од мусаката што била послужена во првата смена во основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во населбата Влае се откриени грам-негативни бактерии од групата Enterobacteriaceae, соопшти Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Станува збор за фекални бактерии, кои биле пронајдени и на три чешми во училиштето.
Од ИЈЗ појаснуваат дека по прес-конференцијата одржана денес, пристигнале нови резултати од анализираните мостри од храната, потврдувајќи присуство на истите бактерии во мусаката што ја консумирале учениците во првата смена.
„Бројот на земени примероци и пристигнати материјали е голем, а дел од примероците сè уште пристигнуваат и се обработуваат“, информираат од Институтот.
ИЈЗ на прес-конференцијата претстави детали за досега преземените активности од надлежните институции – Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Центарот за јавно здравје – Скопје и Детската клиника – кои се во постојана координација во врска со случајот.
Подсетуваме, на 26 ноември голем број ученици во „Димо Хаџи Димов“ се пожалија на стомачни тегоби. Од училишната кујна тогаш беа земени мостри од храна, вода, брисеви од површини и примероци од вработени, а резултатите од анализите почнаа да пристигнуваат денес.