Муртезани: Се работи на враќање на довербата со Бугарија – без дијалог нема напредок кон ЕУ

9

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, изјави дека Владата заедно со европските партнери активно работи на воспоставување дијалог и обновување на довербата меѓу Северна Македонија и Бугарија. Тој нагласи дека ова е клучен предуслов за надминување на спорот кој го блокира евроинтегративниот процес на земјата.

Изјавата беше дадена на заедничката прес-конференција со шведската министерка за европски прашања, Јесика Розенкранц, одржана денеска во Скопје.

„Без доверба нема решение“

Одговарајќи на прашањето за можноста од трет протокол со Бугарија – идеја што претходно ја спомена претседателката Гордана Сиљановска Давкова – Муртезани истакна дека во моментов фокусот е на градење основни предуслови за каква било понатамошна иницијатива.

„Не може да зборуваме за надминување на проблемот без воспоставен дијалог и обновена доверба. Напорите во моментов се насочени кон овие две клучни точки. Дури потоа ќе може да се дискутира за можните решенија,“ рече Муртезани.

Уставните измени остануваат обврска

На прашањето за изјавата на американската амбасадорка, Аџела Агелер, дека „стопроцентно се работи“ на уставните измени, Муртезани потврди дека процесот останува обврска што не може да се избегне.

„Секако дека на уставните измени мора да се работи – без нив нема преговори и нема членство во ЕУ. Но, во моментов не можеме да зборуваме за самата процедура, бидејќи нашите грижи и дилеми сè уште не се соодветно адресирани,“ изјави тој, додавајќи дека нормализацијата на дијалогот со Софија е предуслов за натамошен напредок.

Шведска: Има моментум, искористете го

Шведската министерка Јесика Розенкранц нагласи дека реформите и добрососедските односи се суштински за европскиот пат на Северна Македонија. Таа посочи дека во последниот извештај на Европската комисија се нотирани одредени слабости на кои државата треба да се фокусира.

„Шведска цврсто стои зад Северна Македонија – со политичка поддршка и со конкретни чекори. Ова е момент кога проширувањето има нова енергија и треба да се искористи,“ порача Розенкранц.

Таа додаде дека, доколку се усвојат уставните измени, ЕУ и земјите-членки имаат обврска веднаш формално да ги отпочнат пристапните преговори.

Пораката од Скопје и Стокхолм е јасна

За напредок кон ЕУ потребни се реформи, стабилен дијалог со Бугарија и исполнување на преземените обврски. И европските партнери и домашните власти се согласни дека токму обновувањето на довербата е првиот чекор за излез од актуелната блокада.

Makedonski