Од 1 декември поскапува парното греење: сметките поголеми за околу 130 денари

10

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) денеска соопшти дека од 1 декември цената на топлинската енергија за домаќинствата ќе се зголеми во просек за 5,9 проценти. Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, изјави дека поскапувањето е резултат на планираните инвестиции во застарената дистрибутивна мрежа, стара повеќе од шест децении.

Колку ќе изнесуваат новите сметки?

За домаќинствата кои се приклучени на најголемиот систем – ЕСМ Дистрибуција, ЕСМ Снабдување и ЕСМ Производство – зголемувањето изнесува во просек 5,9 проценти.

Кај корисниците на ЕСМ Енергетика поскапувањето ќе биде 7,6%, а за оние на Скопје Север – Енерџи Еко Линк околу 7,7%.

„Просечната сметка ќе порасне за околу 130 денари – од сегашните 2.200 на 2.330 денари“, изјави Бислимоски.

Причините за поскапувањето

Бислимоски нагласи дека единствената причина за растот на цената е неопходната модернизација на топловодната мрежа, изградена во 60-тите години од минатиот век. Поради честите промени на сопственици, во мрежата се инвестирало минимално, што резултира со голем број дефекти и поплаки од граѓаните оваа сезона.

Според РКЕ, најмногу поплаки биле регистрирани во октомври, но бројот се намалува во ноември, а се очекува стабилизација во наредните месеци, откако ЕСМ Дистрибуција презеде обврска за подобрување на снабдувањето. Поголеми зафати во мрежата ќе се изведуваат по завршување на грејната сезона.

Парното останува најекономично решение

Бислимоски потсети дека централното греење и понатаму е најисплатлива опција за домаќинствата. Анализите на РКЕ покажуваат дека доколку сите исклучени корисници повторно се приклучат на системот, сметките би биле пониски за околу 10 проценти.

Во моментов, со топлинска енергија се снабдуваат околу 65.000 потрошувачи.

Makedonski