Од 2026 година можно покачување на сметките за струја за околу 5%

17

ЕСМ понудил цена од 65 евра за мегаватчас испорачана електрична енергија, што е зголемување од 4,84% во однос на сегашните 62 евра по мегаватчас.

„ЕВН Хоме доби единствена понуда на тендерот за набавка на електрична енергија за задоволување на потребите на корисниците во 2026 година, и тоа од АД ЕСМ, со купопродажна цена од 65 евра за мегаватчас за 100% од планираните количини. Оваа цена е за 4,84% повисока од понудата на последниот тендер за периодот јуни – декември 2025, кога беше договорена цена од 62 евра“, соопштуваат од ЕВН Хоме.

Дали и колку ќе поскапи струјата за граѓаните ќе ја одлучи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), која во конечната пресметка ќе треба да ги вклучи и трошоците на МЕПСО, МЕМО и ЕВН Електродистрибуција.

Простор за покачување постои, но засега не е познат точниот процент. Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека граѓаните треба да бидат спокојни, бидејќи Владата ќе продолжи да ја субвенционира електричната енергија за домаќинствата на регулираниот пазар.

Македонски