Во Штип започна судењето за убиството на Енес Оздемир, обвинети пет турски државјани
Под строги полициски мерки и во присуство на бројна јавност, вклучително и семејствата на обвинетите од Турција, во Штип започна судењето за пет турски државјани обвинети за убиството на Енес Оздемир, кое се случи во мај годинава.
Судењето се одржува во големата сала на Апелациониот суд, а не во Основниот суд, поради висок интерес и безбедносни причини.
Штипското обвинителство поднесе обвинителен акт на 4 октомври: 21-годишник е обвинет како извршител на убиството и за недозволено поседување оружје, тројца други се обвинети за помагање при извршување на делото, додека една обвинета се товари за помош по стореното кривично дело.
Според обвинението, жртвата била убиена со пиштол со избришан сериски број во кафеана во центарот на Штип. Тројцата помагачи се сомничат дека обезбедиле превоз, засолниште и оружје за извршување на делото.
Одбраната на денешното рочиште побара промена на квалификацијата на кривичното дело за главниот обвинет, презентирајќи нови докази, со цел делото да се преквалификува во „убиство од небрежност“.