АХВ со вонредни контроли во сите училишта каде што се нуди храна од „Ванила фуд“
По вчерашното масовно труење на ученици во основното училиште „Димо Хаџи Димов“, чија причина се уште се утврдува, инспекциски екипи од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска спроведуваат вонредни контроли во кујните на девет основни училишта во општина Карпош. Станува збор за објекти во кои со храната стопанисува истиот оператор – „Ванила фуд“, што вчера го потврди и директорката на училиштето, Лела Николоска. Во сопственост на овој оператор е и централниот магацин лоциран во ООУ „Димо Хаџи Димов“, од кој се снабдуваат репроматеријали за подготовка на оброците.
Од АХВ велат дека контролите се превентивни и дека, иако во овие училишта засега нема пријавено деца со симптоми на труење, од кујните се земаат мостри од храна и работни површини за лабораториско испитување. Инспекциските служби ги очекуваат и резултатите од вчерашните анализи, спроведени заедно со Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ), Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Најмалку 40 ученици од одделенска настава во ООУ „Димо Хаџи Димов“ се затруле по консумирање на храна во текот на вчерашниот училишен ден. Инспекторите земале мостри од работните површини и подготвените оброци, како и брисеви од раце, нос и грло на сите вработени во кујната.
Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, истакна дека надлежните институции веднаш постапиле според протоколите и дека се земени мостри од целокупната средина, вклучително и водата што ја користат учениците.
„Земавме брисеви од сите вработени во кујната – од раце, грло и нос, како и мостри од храната и работните површини. На наше инсистирање земавме и примероци од водата“, изјави Андоновска.
Таа додаде дека анализите се сеопфатни и дека резултатите ќе бидат готови по подолга лабораториска обработка. Според досегашните информации, ИЈЗ примил девет пријави за стомачни тегоби, сите од ученици; кај вработените во училиштето нема пријавени симптоми.