Агелер: Коридорите 8 и 10 се клучни за безбедноста и економијата – САД сакаат посилна и посигурна Северна Македонија

8

Американската амбасадорка Анџела Агелер, во интервју за ТВ21, изрази големо задоволство од динамиката на градежните работи на Коридорите 8 и 10, кои ги изведува конзорциумот „Бехтел и Енка“. Таа порача дека инфраструктурните проекти имаат исклучително стратешко значење, не само економски, туку и безбедносно.

„Посебно сум задоволна од Коридорот 8, не само затоа што на него работи врвна американска компанија, туку и затоа што од гледна точка на НАТО и стратешката сигурност овие коридори се клучни,“ изјави Агелер. Според неа, новите патишта ќе ја подобрат безбедноста, но и значително ќе ја поттикнат трговијата и регионалната поврзаност.

Агелер ја поздрави и соработката меѓу македонскиот и бугарскиот министер за транспорт, оценувајќи го новиот договор како „исклучително важен“ и пофалувајќи ја политичката храброст во постигнување заеднички интерес. „Едвај чекам да завршат патиштата и тунелите, за да ги пробам лично,“ додаде таа со насмевка.

Три столба на партнерството: демократија, економија и безбедност

Осврнувајќи се на односите меѓу САД и Северна Македонија, амбасадорката порача дека партнерството не се гради само врз геополитика, туку на заеднички вредности.

„Првата и најважна вредност е демократијата. Втората е економскиот развој, кој носи сигурност и за македонските граѓани и за американските партнери,“ нагласи Агелер. Таа додаде дека силната економија во Северна Македонија е од интерес и за САД, а безбедносното партнерство во рамките на НАТО претставува третиот столб на заедничките приоритети.

Агелер го оцени членството на земјата во НАТО како „огромно достигнување“ и истакна дека Северна Македонија е значаен сојузник во јакнењето на трансатлантските и европските политики на стабилност.

САД инвестирале половина милијарда евра во судството – резултатите не се доволни

Говорејќи за состојбата во правосудниот систем, амбасадорката истакна дека политичкото влијание е присутно, но дека е оптимист дека ќе дојдат луѓе со интегритет и одговорност.

„Сакам луѓето во државата да си ја работат својата работа. Секој својата. Полицијата, финансиската полиција, судството – мора да постои систем кој функционира,“ рече Агелер, откривајќи дека САД досега инвестирале околу половина милијарда евра во реформите во судството, но резултатите не се на очекуваното ниво.

Оптимизам за уставните измени и патот кон ЕУ

Во контекст на евроинтеграциите, Агелер изрази уверување дека процесот за уставните измени е активен и дека институциите работат на отпочнување на постапката.

„Сто проценти сум сигурна дека се работи на уставните измени. Ме охрабрува тоа што гледам дека активно разговараат за почеток на процесот. За членство во ЕУ мора да се испочитуваат процедурите,“ истакна таа.

Амбасадорката порача дека целта на САД е Северна Македонија да стане „побезбедна, посилна и посигурна држава со стабилна демократија“, нагласувајќи дека институциите треба да бидат двигатели на реформите, а не жртви на политички конфликти.

Makedonski