Сомнеж за масовно труење со храна во ООУ „Димо Хаџи Димов“ – најмалку 40 деца со стомачни тегоби
Најмалку четириесет ученици од одделенска настава во основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во општина Карпош се пожалиле на симптоми на труење со храна, информираа од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Според првичните податоци, децата консумирале оброк во училиштето во текот на вчерашниот ден.
Екипи од АХВ, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) веќе вршат инспекција и земаат мостри од храната, работните површини и приборот во кујната на операторот „Ванила фуд“.
Училиштето: Децата јаделе корнфлекс со млеко и мусака
Според директорката на училиштето, Лејла Николоска, симптомите кај децата се појавиле откако заминале дома.
„Децата за појадок имаа корнфлекс со млеко, а за ручек мусака. Симптомите се јавија по завршувањето на наставниот ден. Засега бројката е околу 40, но попрецизни информации ќе имаме откако ќе ги евидентираме денешните отсуства“, рече Николоска, додавајќи дека не може да се тврди дали причинител е самата храна или евентуална контаминација на работните површини.
Родителите тврдат дека има и до 80 заболени деца
Помеѓу родителите постојат индиции дека бројката е многу поголема и дека наводно достигнува 80 ученици. Тие се сомневаат дека причинител може да биде и водата, бидејќи меѓу пријавените случаи има и ученици од повисоките одделенија кои не јадат училишна храна.
„Знаеме дека осум деца се хоспитализирани, а најчести симптоми се гадење и повраќање“, изјави родител на ученик од училиштето.
АХВ: Кујната е привремено затворена
Од АХВ соопштија дека по добиената информација од училиштето утрово, веднаш е спроведен вонреден инспекциски надзор.
„Со цел утврдување на изворот на евентуално труење, кујната е привремено затворена. Ќе бидат земени мостри од храната, работните површини и опремата, а ќе се спроведе и епидемиолошка анкета согласно Националниот протокол“, наведуваат од Агенцијата.