Патот кон ЕУ под ризик: остри предупредувања на Националната конвенција
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на денешната дебата во рамки на Националната конвенција за ЕУ порача дека ниту едно билатерално прашање не смее да биде пречка на патот на Македонија кон Европската Унија. Тој додаде дека напредокот на Албанија и Црна Гора покажува дека процесот на проширување е сериозен и возможен.
„За нас евроинтеграцијата не се гради во Брисел, туку тука – во нашите одлуки и во начинот на кој доаѓаме до консензус. Нашиот натпревар не треба да се води во реторика, туку во изнаоѓање заеднички решенија за заедничките проблеми. Сега, повеќе од било кога, ни е потребна зрелост надвор од политичките калкулации“, изјави Гаши, нагласувајќи дека ова е обврска кон идните генерации.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, истакна дека единствениот вистински пат за Македонија е евроинтеграцијата. Тој оцени дека е жално што земјата го добила најлошиот извештај од Европската комисија, особено во време кога волјата на ЕУ за проширување е очигледна.
Филипче потсети дека регионот во изминатите години добил околу шест милијарди евра од ЕУ, додека Хрватска и Бугарија по влезот во Унијата добиле по околу 40 милијарди евра. Затоа, како што рече, е нејасно зошто Македонија продолжува да зема сомнителни кредити, наместо да користи европски фондови.
Тој предупреди дека постојат две клучни забелешки од Брисел:
„Ако продолжиме вака, не сум сигурен дека ЕУ нема повторно да нè врати во претходниот статус. И не сум сигурен дека условот за решавање на прашањата со соседите ќе остане единствениот“, рече Филипче.
Како најсериозен проблем го нагласи недонесувањето на трите патокази – за владеење на правото, за јавната администрација и за демократските институции – што, според него, ја доведува во прашање политичката волја на актуелната влада да спроведе реформи. Притоа ги посочи сите недонесени законски решенија и додаде дека голем број од предложените закони се поднесуваат по скратена постапка.