Кривична пријава за поранешниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари
Поранешниот градоначалник на Општина Кичево, Фатмир Дехари, е пријавен за несовесно работење во службата, информира Министерството за внатрешни работи. ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Д. (51) од селото Србица, поради сомнение дека како градоначалник постапувал спротивно на законските одредби.
Од МВР соопштуваат дека Дехари, во периодот од 2016 година, секоја година склучувал договори за вработување во Територијалната противпожарна единица Кичево со одредени лица, но по истекот на една година од нивното ангажирање не спровел задолжителен надзор и не ги прекинал договорите, како што налага Законот за пожарникарство.
Поради пропустите, вработените не се стекнале со соодветен сертификат за квалификација како пожарникари, што, согласно пријавата, претставува спротивно постапување на одредбите од Законот за локалната самоуправа и Законот за пожарникарство.