Доаѓа нова емисија на Граѓански обврзници – државата повторно се задолжува кај граѓаните
Државата повторно ќе се задолжува на домашниот пазар преку нова емисија на Граѓански обврзници, најави министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска. Според неа, емисијата ќе биде објавена најдоцна до средината на декември, а деталите ќе бидат познати по објавувањето на официјалниот проспект.
Граѓанските обврзници како инструмент за задолжување на државата кај населението беа воведени во 2023 година. Досега се реализирани две емисии во вкупен износ од 41,1 милион евра.
Овој месец на сметките на граѓаните кои учествуваа во втората емисија од 7 ноември 2023 година, со рок на достасување од две години и каматна стапка од 5% годишно, им беа исплатени:
-
17,6 милиони евра главница
-
880.000 евра камата за втората година
Министерството за финансии очекува новата емисија повторно да предизвика интерес меѓу граѓаните, а според најавите, ќе понуди услови слични на претходните, со цел поттикнување на вклученоста на населението во финансирањето на државните потреби.