НП „Пелистер“ развива нов систем на пешачки и велосипедски патеки: поврзување на Цапарски вир, Ротинско езеро и Инфо-центарот

6

Националниот парк „Пелистер“ во текот на оваа година работеше на уредување на неколку познати излетнички локации во подпелистерието, меѓу кои Цапарски вир и Ротинско езеро. Во изминатиот викенд, во соработка со членовите на тимот „Екстрим бајк“, започна реализацијата на проект за нивно поврзување со нови пешачки и велосипедски патеки. Целта е создавање заокружен систем на траси што ќе бидат прифатливи за пошироката јавност, изјави директорот на паркот, Иванчо Тошевски.

„Разговаравме подолго време за поврзување на Инфо-центарот со Цапарска пресека, Цапарски вир и Ротинско езеро, преку Мала и Голема ливада, па повторно назад до Инфо-центарот. Станува збор за патеки што ќе се вклопат во концептот за развивање на еко-активен туризам,“ рече Тошевски.

Според него, идејата не е да се создадат екстремни траси, туку патеки погодни за рекреативци, љубители на природата и посетители што сакаат да ја набљудуваат природата без да ја нарушат. Во план е оформување и ГПС-маркирани рути – пешачка патека која ќе се движи по повисоките делови на кањонот на Цапарска река и велосипедска траса која ќе го следи речното течение.

Проектот има и дополнителна, практична функција. Како што посочуваат од паркот, пожарите претставуваат најголема закана за планината, а воспоставувањето ваков систем на патеки ќе овозможи побрза и поефикасна интервенција во случај на потреба.

„Ако имаме велосипедска патека што води до селото Цапари, од таму постојат стари патишта кои со минимални интервенции може да се адаптираат. Истото важи и за Ротино. Внимаваме патеките да служат и како дел од противпожарниот систем – мора да размислуваме за мултифункционални решенија,“ истакна Тошевски.

На почетокот на декември, Националниот парк „Пелистер“, жителите од селата на пелистерските падини и партнерските здруженија ќе го одбележат Денот на планината – настан кој ја слави природната, културната и гастрономската традиција на една од најчистите еколошки средини на Балканот.

Македонски