ЕСЕ: Насилството врз жените со сериозни економски последици, потребна итна системска поддршка
Осумдесет проценти од жените биле спречени да работат поради насилството што го трпеле од својот партнер, а 42 отсто го изгубиле работното место како директна последица од насилството. Ова го покажуваат податоците на Здружението ЕСЕ, објавени по повод почетокот на 16-те денови на активизам против насилството врз жените.
Од здружението посочуваат дека економските последици за жртвите се длабоки и долготрајни, што ја отежнува нивната транзиција кон самостоен и безбеден живот. Жените се соочуваат со зголемени здравствени трошоци како последица од насилството – 48% од трошоците се за лекови, 21% за хоспитализации, а 19% за услуги кај матичен лекар и итна помош. Дел од овие трошоци често се покриваат приватно, поради ограничен пристап до јавни здравствени услуги или недостиг од навремена институционална поддршка.
Покрај тоа, жртвите на насилство се соочуваат со трошоци за итно домување и преживување. Напуштањето на домот подразбира кирија, сметки, основен мебел, транспорт и секојдневни потреби. Според ЕСЕ, постојната државна финансиска помош е недоволна, па над 90% од жените земаат кредити или позајмици од роднини и пријатели за да ги покријат првичните трошоци.
Анализата укажува и на сериозни слабости во системот за досудување и наплата на издршка за децата. Во над 50% од случаите, издршката не ги покрива основните трошоци, а 70% од жените се соочуваат со ненавремена или целосно неплатена издршка. Постапките за наплата се долги, неефикасни, скапи и често придружени со страв од одмазда од насилникот, поради што жените ретко ги користат законските механизми.
„За жените трајно да стават крај на насилството и да обезбедат стабилен и безбеден живот за себе и своите деца, неопходни се системски решенија со финансиска поддршка во првите 6 до 12 месеци по напуштањето на насилната заедница,“ порачуваат од ЕСЕ.
Од здружението бараат државата итно да воспостави механизам за финансиска поддршка кој ќе овозможи покривање на трошоците за домување, основните животни потреби, здравствени услуги и секојдневни издатоци, сè додека жртвата не обезбеди стабилен приход. Дополнително, потребни се и програми за вработување, преквалификација, ефикасен систем за наплата на издршката и координирана институционална поддршка за надминување на економските последици од насилството.