Од полноќ поевтинуваат бензините, поскапува дизелот
Од ноќеска на полноќ бензините поевтинуваат за половина денар по литар, додека цената на дизелот се зголемува за ист износ, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со комунален отпад (РКЕ). Со новата одлука, малопродажните цени на нафтените деривати во просек се намалуваат за 0,55 проценти.
Според утврдените цени, литар ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе чини 75 денари, ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 77 денари, додека ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) се зголемува на 73 денари. Цената на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) останува непроменета – 69,5 денари за литар.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува за 0,756 денари по килограм и ќе изнесува 34,865 денари.
Од РКЕ појаснуваат дека промените се резултат на движењата на светските берзи: референтните цени на бензините се намалени во просек за 1,335 проценти, дизелот бележи пораст од 1,379 проценти, екстра лесното масло има раст од 0,51 проценти, додека мазутот е поевтинет за 3,089 проценти. Курсот на денарот во однос на американскиот долар е минимално понизок за 0,0455 проценти.