Зеленски го назначи Јермак за шеф на делегацијата во разговорите со САД и Русија за мировниот план на Трамп
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го именува шефот на својот кабинет, Андриј Јермак, за предводник на украинската делегација која ќе учествува во разговорите со САД и Русија во рамки на мировната иницијатива предложена од американскиот претседател Доналд Трамп. Уредбата за назначувањето беше објавена на официјалната страница на украинскиот претседател.
Во документот се прецизира дека Јермак има овластување, во координација со Зеленски, да го менува составот на делегацијата.
Претходниот раководител на украинскиот тим за преговори со Русија, секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана (НСБД), Рустем Умеров, останува дел од процесот. Тој ќе учествува во пошироката преговарачка рамка која сега вклучува и претставници на САД и Русија.
Во делегацијата се вклучени и клучни безбедносни и дипломатски функционери: директорот на военото разузнавање Кирил Буданов, в.д. началникот на Генералштабот Андриј Гнатов, како и првиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Кисљак, кој учествуваше во претходните рунди разговори во Истанбул.
Зеленски неодамна предупреди на можен меѓународен притисок врз Киев за прифаќање мировен договор, истакнувајќи дека претстојната недела ќе биде „многу предизвикувачка“ поради очекуваните сложени и тешки разговори околу потенцијалниот договор.