Двајца загинати во рускиот град Самара по пад на остатоци од соборени украински дронови

6

Две лица загинаа, а уште две се повредени при украински напад со дронови врз рускиот регион Самара, соопштија денеска локалните власти, пренесе ДПА.

Според гувернерот Вјачеслав Федоришчев, инцидентот се случил во градот Сизран, каде биле погодени објекти од енергетската инфраструктура. Тој не откри дополнителни детали, но медиумите потсетуваат дека во Сизран се наоѓа рафинерија за нафта.

Украинските дронови во последните месеци редовно ја таргетираат руската нафтена индустрија, која Киев ја смета за еден од главните извори на финансирање на руската воена операција во Украина, започната во февруари 2022 година.

Повеќе региони под дронски напади, аеродроми привремено затворени

Властите во повеќе руски региони денеска пријавија серии украински напади со дронови. Поради опасност од воздушни напади, привремено беа стопирани полетувањата и слетувањата на неколку аеродроми, меѓу кои и во Самара, Тамбов, Пенза, Саратов и Улјановск.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека утринава биле соборени 69 украински дронови. Како најпогодени региони ги наведе Самара, Саратов и Крим, полуостров анектиран од Русија во 2014 година. Министерството, вообичаено, не објави информации за евентуални погодени цели или материјална штета.

Украинските напади продолжуваат, но Русија предизвикува далеку поголеми разурнувања

Украинските контранапади често резултираат со штети и човечки жртви на руската територија, меѓу кои и цивили. Сепак, според оценките на украинските власти и меѓународните институции, размерите на овие напади се минимални во споредба со масовното уништување и големиот број жртви предизвикани од руските воздушни и артилериски напади во Украина.

Македонски