АХВ со предупредување по порастот на водостоите: Внимание со храната, водата за пиење и заштитата на животните
Поради зголемените водостои на реките по неколкудневните врнежи и појавата на локални излевања, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) упати апел до граѓаните да бидат особено внимателни со безбедноста на храната, водата за пиење и грижата за животните. Од Агенцијата предупредуваат дека поплавите носат зголемен ризик од појава на заразни болести кои се пренесуваат преку контаминирана храна или вода.
Од АХВ препорачуваат редовно следење на информациите од надлежните институции за временските услови, состојбата на речните водотеци и водоснабдувањето. Во подрачја каде веќе има излевање на води и поплавени домаќинства, особено кај корисниците на индивидуални водоводни системи, доколку водата е заматена, таа не смее да се користи за пиење или подготовка на храна сè до целосно санирање и лабораториска потврда дека е безбедна.
Граѓаните се повикуваат да одржуваат високо ниво на хигиена на рацете, особено по контакт со поплавена вода, чистење или предмети погодени од поплави. Готовата храна треба да биде соодветно заштитена за да не дојде во допир со поплавните води или отпадните води.
Во поплавени домаќинства, сите прехранбени производи кои дошле во контакт со поплавената вода или биле чувани во поплавени фрижидери, замрзнувачи или подруми, мора да се отстранат и да не се користат за исхрана.
„Храната треба да се подготвува со безбедна вода и задолжително да се термички обработи на температура над 70°C. Овошјето и зеленчукот, кои најчесто се консумираат свежи, потребно е темелно да се измијат, исчистат и повторно да се измијат, а по можност и термички да се обработат“, наведуваат од АХВ. За домаќинства со мали деца во поплавените подрачја се препорачува употреба на индустриски подготвена храна.
Агенцијата посебно апелира и до сопствениците и одгледувачите на животни да се погрижат за нивната заштита и благосостојба во услови на поплави, без разлика дали станува збор за домашни миленици или сточни животни.