ДУИ: Извештајот на ЕК за 2025 година со најостри критики досега – интеграцискиот процес во длабока блокада
Извештајот на Европската комисија за 2025 година содржи најсериозни критики за Северна Македонија во изминатите години, изјави на денешната прес-конференција потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбер Адеми.
Адеми посочи дека документот јасно укажува на неуспеси на актуелната влада во исполнувањето на клучните европски стандарди, што, како што рече, го довело евроинтеграцискиот процес во „најдлабока блокада“.
Според него, Европската комисија констатира назадување во владеењето на правото, без значаен напредок во независноста на судството и со присутно политичко влијание. Адеми потсети дека европските стандарди предвидуваат финансирање на судството со најмалку 0,8 проценти од БДП, а на обвинителството со 0,4 проценти, додека тековните издвојувања се далеку под тие нивоа.
Тој потенцираше дека борбата против корупцијата бележи „нулта резултати“, бидејќи случаите од висок профил не се разрешуваат, а антикорупциските институции остануваат слаби и неефикасни. Во Извештајот, додаде Адеми, е нотирано и „видливо влошување“ на медиумските слободи и основните човекови права, како и длабока политизација на јавната администрација и економска нестабилност.
„Пораката на ЕУ е јасна – Северна Македонија не може да отвори нови поглавја без решавање на основните системски проблеми“, изјави Адеми. Тој нагласи дека ДУИ бара итни реформи во правосудството, усогласување на буџетското финансирање со европските стандарди, јакнење на финансиската автономија на правосудните органи, брзо усвојување на уставните измени, деполитизација на администрацијата и зацврстување на независните институции, како и целосно спроведување на препораките за првиот кластер.
Адеми заклучи дека европската перспектива на државата не смее да биде заложник на, како што рече, неуспесите на власта, додавајќи дека ДУИ останува целосно посветена на евроатлантскиот курс.