Необична појава на пена во Таор: Земени примероци, инспекторатот вклучен во истрагата
Општина Зелениково информира дека утрово, за време на активирањето на пумпите за препумпување на отпадните води од Скопското Поле, во селото Таор е забележана невообичаено голема количина пена. Пената се појавила во одводниот канал кој се влива во реката Вардар, а системот за препумпување ги опфаќа општините Гази Баба, Арачиново, Илинден, Петровец и пошироката околина.
Градоначалникот Коста Маневски изјави дека службите на општината, заедно со претставници од АД „Водостопанство“, веднаш излегле на терен за увид и координација со надлежните институции.
По барање на општината, Институтот за јавно здравје земал примероци од водата и од самата пена, со цел да се утврди нејзиниот хемиски состав и потенцијалните извори на загадување. Паралелно, Зелениково поднесе пријава до Државниот инспекторат за животна средина, кој треба да ја преземе понатамошната контрола и мерки.
Општината најави дека јавноста ќе биде навремено информирана веднаш по добивањето на резултатите од анализите и насоките од надлежните институции.