АД ЕСМ: Нивото на акумулациите расте, но опасност од преливање – нема
АД ЕСМ ја информира јавноста дека интензивните врнежи кои ја зафатија земјава во изминатите четири дена доведоа до пораст на нивото на водата во сите акумулации за производство на електрична енергија, но состојбата е под контрола и нема ризик од преливање.
Од компанијата посочуваат дека акумулациите имаат доволно капацитет за прием на силните дотеци од последниот врнежен бран. Најзначителен раст е забележан во југозападниот дел од државата.
Порамнување на нивото на Охридското Езеро
Последните три дена нивото на Охридското Езеро расте за неколку сантиметри дневно и заклучно со вчера е измерено 693,33 метри надморска височина – два сантиметри над ноемврискиот просек. Сепак, ова е далеку под максимално дозволената кота од 693,75 до 694 метри.
„Апелираме да се користат релевантни и проверени податоци – нивото на езерото е стабилно и не претставува опасност за регионот“, порачуваат од АД ЕСМ.
Зголемени дотеци и во Глобочица и Дебарско Езеро
Интензивен страничен дотек е забележан во Глобочица, но со примената на утврдениот режим на работа на хидроелектраните Глобочица и Шпилје не се очекува преливување.
Нивото на Дебарското Езеро во изминатите четири дена се зголемило за два метри и утринава достигнало 564,55 метри надморска височина. Вкупниот дотек изнесува 128,5 m³/s, при што од локалниот слив се регистрирани 100 литри воден талог на метар квадратен.
Според проценките, продолжените врнежи за време на викендот нема да создадат проблеми – дел од водата ќе се преработи преку агрегатите, а дел ќе остане зачуван за потребите во грејната сезона.
Водни приливи најсилни во последните седум години
Од АД ЕСМ нагласуваат дека ваков обилен дотек не е забележан речиси седум години, но ваквите хидролошки услови се очекувани во есенскиот период. Производството на електрична енергија е прилагодено на состојбата, а сите пет агрегати во Глобочица и Шпилје работат со висока доверливост.
Компанијата уверува дека внимателно ја следи состојбата на сите водни тела со кои стопанисува и ги спроведува сите неопходни мерки за безбедно управување со интензивните водени дотеци и високите водостоји.