Пожар во луксузниот хотел „Мулино“ во Хрватска – евакуирани гостите, пожарникарите се уште се борат со огнот

7

Еден од најпознатите хрватски хотели во Истра, „Мулино“, утрово беше зафатен од голем пожар кој се уште не е целосно локализиран, иако пожарникарите успеале да го стават под контрола, јавува „Индекс“.

Според началникот на противпожарната служба, Дино Козлевац, пожарот избувнал околу 9 часот и брзо го зафатил покривот на хотелот. Во гаснењето учествуваат 45 пожарникари со 20 возила.

На терен се распоредени екипи од јавните противпожарни единици во Умаг, Бузет, Пореч и Пула, како и доброволни пожарникари од поширокиот регион на Бује. Дополнително, помош пристигнала и од Сечовље, како и од противпожарната бригада во Копер, Словенија.

„Ова беше исклучително тешка интервенција“, изјави Козлевац, истакнувајќи дека силниот ветер и положбата на објектот го отежнувале гаснењето.

Гостите на хотелот веднаш биле евакуирани по избувнувањето на пожарот. Причините за пожарот засега не се познати, а повеќе информации се очекуваат по увидот на надлежните служби.

Македонски