Објавени првите резултати од големата анализа на човечките ресурси во здравството
Министерството за здравство денеска ги претстави првите конкретни резултати од сеопфатната анализа на човечките ресурси во здравствениот систем. Анализата ги опфаќа податоците од сите јавни и приватни здравствени установи во државата и претставува прва ваква системска слика за кадарот во здравството.
„Кога пред неколку месеци кажав дека здравствениот систем ќе го третираме како жив организам, многумина прашаа што тоа значи во пракса. Денеска ја презентираме првата целосна карта – за првпат имаме обединета анализа на човечките ресурси“, изјави министерот на прес-конференцијата.
Анализата е изготвена врз основа на податоци од Централниот регистар, Агенцијата за вработување, Лекарската, Стоматолошката и Фармацевтската комора, Управата за електронско здравство и Фондот за здравствено осигурување.
Според резултатите, во државата функционираат вкупно 3.779 здравствени установи. Од нив, 2.942 се во мрежата на здравствени установи, а 837 се надвор од мрежата. Во рамки на мрежата, 2.830 се приватни институции, додека 112 се јавни, меѓу кои и Воено-медицинскиот центар, МАНУ, Медицинскиот и Фармацевтскиот факултет во Скопје.
Вкупниот број на вработени во здравствениот сектор изнесува 32.383 лица – 18.536 во јавниот и 13.847 во приватниот сектор. Од нив, 9.040 се лекари и членови на тимот во примарната здравствена заштита, а останатиот дел е медицински и немедицински персонал.
Министерот нагласи дека овие податоци ќе служат како динамична алатка во креирањето на здравствени политики.
„Ќе можеме да ги следиме човечките ресурси во реално време – од пензионирања и нови вработувања, до специјализации и преминување на кадар од една во друга установа“, појасни тој.
Ова, според министерот, ќе овозможи попрецизно планирање на нови вработувања, како и реално зајакнување на примарната здравствена заштита.
„Кога ќе кажеме дека ќе го зајакнеме примарното здравство во одредена општина, ќе знаеме точно колку лекари и сестри се потребни таму и како да ја исправиме нерамномерната распределба на кадарот“, додаде министерот.