Комисијата за избори и именувања едногласно го предложи Адем Чучуљ за нов претседател на ДКСК

6

Собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата едногласно, со 10 гласа „за“, го предложи Адем Чучуљ за претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Предлогот ќе биде проследен на пленарна седница на парламентот, која, според најавите, треба да се одржи на почетокот на декември.

Чучуљ претходно доби највисок број бодови од Комисијата за селекција на кандидати, која ги интервјуираше сите 10 пријавени за оваа функција. На интервјуто тој освои 96,5 бодови и доби оценка за значајно професионално искуство и јасна визија за работата на Антикорупциската комисија.

Адем Чучуљ моментално ја извршува функцијата генерален секретар на ДКСК. Тој е дипломиран правник со положен правосуден испит и повеќегодишно искуство во областа на антикорупцијата.

Процедурата за избор на нов претседател започна летово, по оставката на поранешната претседателка Татјана Димитровска, која се соочува со обвинение во случајот „Адитив“. Постапката беше прекината за време на локалните избори, а продолжи по нивното завршување.

За позицијата првично беа пријавени 13 кандидати. Еден од нив во меѓувреме ја повлече кандидатурата, а кај двајца беше утврдено дека не ги исполнуваат условите, по што селекцијата продолжи со 10 кандидати.

Македонски