Маж исчезнат 17 години и прогласен за мртов се појавил на Пирин планина – одбил социјално згрижување и повторно исчезнал

8

Маж кој исчезнал пред 17 години и кој бил официјално прогласен за починат пред 12 години, бил пронајден во длабочините на Пирин планина, но одбил да биде сместен во социјална установа, соопшти Обвинителството во Благоевград.

Надлежните институции се веќе известени за да ја поништат одлуката за неговата смрт, бидејќи додека документот формално не биде анулиран, државните органи немаат законска можност да преземат какви било мерки – ниту да го згрижат, ниту да започнат постапка за издавање лични документи.

Според информациите, мажот бил во добра психичка состојба, соодветно облечен и имал пари со себе. Одбил транспорт и било каква помош, а неговата локација во моментов е непозната.

Како бил откриен?

Службеници на Национален парк „Пирин“ пронашле импровизирано засолниште за време на рутинска обиколка.

На 30 октомври службата на Националниот парк проверувала пријава за незаконски поставен шатор во близина на реката Демјаница. При контролата бил забележан маж кој се однесувал арогантно и одбивал да покаже документи за идентификација, поради што била повикана полицијата од Банско.

По проверката во полициската станица било утврдено дека лицето воопшто не фигурира во системот, а за него постои издаден смртен лист – претходно бил евидентиран како исчезнат, а подоцна и прогласен за починат.

Директорот на НП „Пирин“, Росен Баненски, изјави дека шаторот најверојатно бил поставен пред неколку дена. Според него, мажот се однесувал агресивно, ги навредувал чуварите и се обидел физички и да се пресмета со нив.

„Во туристички град како Банско се поставуваат шатори, но само на определени места. Шаторите на секоја друга локација која не е предвидена за поставува предизвикува сомнеж и ние сме должни да постапиме“, рече Баненски.

Мажот повторно исчезнал по одбивањето било какво згрижување, а институциите сега работат на поништување на неговиот смртен акт и последователно регулирање на неговиот статус.

Makedonski