Адем Чучуљ највисоко рангиран кандидат за претседател на ДКСК

6

Комисијата за селекција на кандидати за претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), формирана од собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата, го оцени актуелниот генерален секретар на Комисијата, Адем Чучуљ, како најуспешен кандидат во постапката за избор.

Според оценките, Чучуљ, дипломиран правник од Скопје, покажал значајно искуство во спречувањето на корупцијата и судирот на интереси, како и јасна визија и конкретен план за идниот развој на ДКСК. Притоа, дал одлични одговори на сите општи и посебни прашања, со што освоил 96,50 бодови и се рангирал највисоко меѓу сите пријавени кандидати.

На второ место е рангиран Бранко Смилевски, дипломиран економист и магистер по науки за антикорупција, кој моментално е помошник на Главниот државен ревизор. Тој освоил 86,33 бодови. Треторангиран е проф. д-р Кимо Чавдар, дипломиран правник со положен правосуден испит и доктор по политички науки, кој доби 81,83 бодови.

Според најавите, утре треба да се одржи седница на собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата, на која ќе се гласа за избор на нов претседател на ДКСК, врз основа на направената селекција.

Државната комисија за спречување на корупцијата добива ново раководство по оставката на претходната претседателка Татјана Димитровска, која се повлече од функцијата по вмешаноста во коруптивен случај.

Makedonski