ЦУК: Интервенции низ државата поради обилните врнежи – одрони, поплавени подруми и пораст на водостоите

4

Екипите на Регионалните центри за управување со кризи (РЦУК) во текот на изминатото деноноќие интервенираа на повеќе критични локации низ државата, поради интензивните дождови што предизвикаа одрони, ерозија и локални поплавувања. Информациите ги соопшти директорот на ЦУК, Мухамед Али.

Според него, на подрачјето на Битола биле ангажирани екипи и механизација на јавни претпријатија и водостопански компании за расчистување наноси од речните корита и зајакнување насипи. Поради ерозија на патот кон Пелистер и кај селото Цапари, било предложено привремено затворање на стариот пат Р-106 и пренасочување на сообраќајот по магистралниот пат А-3.

Во Охрид и Кичево е забележано зголемување на водостоите, но без излевање. Најкритична точка е улицата Прилепска во Кичево, каде е побарана општинска интервенција. Во Охрид е постапено по пријава за поплавени подруми во населбата Железничка, предизвикани од диво ископани канали.

Во Куманово, реката Пчиња накратко излегла од коритото во делот Пелинце – Стрновац, но без нанесена штета. Во тек е расчистување на мостовите во Коинце и Пелинце од насобрани дрва и отпад, при што не е утврдена опасност по нивната стабилност.

На регионалниот пат Македонски Брод – Скопје, преку НП „Јасен“, регистриран е голем одрон што привремено го блокирал сообраќајот. Трасата е расчистена по една лента, а службите продолжуваат со активности за целосно обезбедување на патот.

Makedonski