Најмногу дожд во Претор и Крушево – доаѓа нов влажен бран со пообилни врнежи

8

До 16:30 часот денеска најинтензивни врнежи се регистрирани во Претор и Крушево, каде наврнаа по 16 литри дожд на метар квадратен. Следуваат Маврови Анови со 12 литри, Берово со 10, Прилеп со 9, Пожаране со 8, Тополчани и Струмица со по 7 литри. Во Виница и Попова Шапка се измерени 6 литри, во Лазарополе и Штип по 5, кај Зајчев Рид и Тетово по 4 литри, а во Гевгелија, Демир Капија, Крива Паланка и Битола по 3 литри. Во Велес наврнале 2 литри, а во Кавадарци 1 литар дожд.

Според УХМР, до крајот на денот времето ќе остане претежно облачно со локални врнежи, особено во југозападните и јужните региони, каде за 24 часа се очекуваат над 30 литри дожд на метар квадратен. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер.

Утре наутро ќе има услови за појава на магла во пониските котлини. Во текот на денот времето ќе биде променливо облачно, со локален дожд во претпладневните часови и кон крајот на денот. Ќе дува умерен до засилен јужен ветер. Минималната температура ќе биде од 7 до 11 степени, додека дневната ќе достигне од 15 до 19 степени.

Временска прогноза за Скопје

Во Скопската котлина наутро ќе има услови за магла. Во текот на денот ќе преовладува облачно време со повремени слаби врнежи од дожд. Ќе дува умерен југоисточен ветер. Температурите ќе се движат од минимални 8 до максимални 17 степени.

Нови врнежи и заладување од недела

Под влијание на циклонска активност, променливото и дождливо време ќе продолжи. Во петок и за време на викендот повторно се очекуваат пообилни врнежи, над 30 литри на метар квадратен за 24 часа, со можност за локално невреме, засилен ветер и грмежи.

Од недела ќе следи значително опаѓање на температурите, а на повисоките планини дождот ќе премине во слаб снег.

Makedonski