Филипче: Нема никаков договор со ВМРО-ДПМНЕ, не се договара со луѓе што прашуваат колку чинат животите од Кочани

5

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање категорично ги демантираше шпекулациите за каков било таен договор меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Во одговорот, тој потенцираше дека е апсолутно невозможно да постои договор со политичари кои поставуваат прашања „колку чинат животите на децата во Кочани“ .

„Јасно демантирам – нема било каков скриен, таен, полутаен договор за било што со ВМРО-ДПМНЕ. Не може да се има договор што со луѓе кои што прашуваат колку чинат животите на децата во Кочани. Не може да има договор со луѓе кои што кажуваат дека сега не е време за реформи, било време на војни. Не може да има договор со луѓе кои што оставија 10.000 семејства во земјоделството без приходи заради корупција. Не може да се има договор со луѓе кои што ништо не прават во образованието, ги оставија наставниците без зголемени приходи, нема раст на платите. Не може да има договор со луѓе кои ништо не прават во здравството, освен што неколку луѓе мешетараат од клиники и договараат тендери и договорени спецификации“, рече Филипче.

Тој додаде дека не може да се има договор со луѓе кои што ја оставија државата на периферија на Европа, додека Албанија, Црна Гора ќе станат земји членки на Европска Унија. При тоа, Филипче порача дека ВМРО-ДПМНЕ треба да се занимава со решавање на проблемите на државата и граѓаните, а не со СДСМ.

„Не знам зошто тие се занимаваат со СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ треба да се занимава со ВМРО-ДПМНЕ, ама пред се со проблемите на граѓаните, кои што силно им тежат на грбот, а не се ни обидуваат да ги решат“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Навредлива е реториката на Мицкоски: „Тоа е фрустрација“

Истотака претседателот на СДСМ Венко Филипче реагираше на изјавите во вчерашното интервју на премиерот Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека е згрозен, но не и изненаден од, како што рече, навредливата и недолична реторика на премиерот, кој повеќе од десет пати ја обвини СДСМ дека води „некрофилска политика“.

„Ова не е ново, го говори подолг временски период. И таа реторика на навреди покажува само една работа, тоа е фрустрација од неуспешните обиди да вистината или некои блиски луѓе на ВМРО-ДПМНЕ се заштитат од истрагата”, рече д-р Филипче.

Тој истакна дека таквото однесување е обид да се изманипулира дел од истрагата и одговорноста да се стави „под маса“, што, според Филипче, создава дополнителна сомнеж и недоверба.

„Сметам дека тоа е страв од демократските алатки за докажување на вистината во овој страшен случај, оваа навистина голема трагедија. И затоа побаравме и анкетна комисија, и надзорна комисија на расправа во Собранието. Во текот на вчерашниот ден во Собранието го доставивме и формално тоа барање, што значи дека ке ги искористиме сите демократски механизми да се истражи секој детал од ова трагедија. И затоа порачувам и на родителите, и на целокупната јавност се што правиме од почетокот до непосредно после трагедијата е барање за поддршка на семејството и откривање на вистината за овој случај“, додаде претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче на денешната прес-конференција.

Makedonski