Почна судењето за трагедијата во дискотеката „Пулс“ – движењето „Кој е следен“ со порака: „Ве гледаме“
Со мало задоцнување и пред преполна судница во КПУ „Идризово“, под засилени безбедносни мерки, утрово започна судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој на 16 март годинава загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Судијката Диана Груевска Илиевска, која го води процесот, рочиштето го започна со обраќање до присутните, нагласувајќи ја важноста на дисциплината и транспарентноста.
„Знам дека барем името ми го знаете, тоа се врти со месеци“, рече судијката на почетокот, додавајќи дека сите учесници имаат право на една опомена, додека при втора ќе бидат отстранети од судницата. Таа истакна дека очекува респект кон болката на семејствата на жртвите и дека сите страни ќе имаат можност да ја изложат својата верзија и предложат докази.
„Ќе бидеме транспарентни. Не можам да ветам брзина, затоа што може да се направи грешка. Колку ќе трае судењето, никој не знае. Апелирам на трпение и дисциплина. Ќе дојдеме до правдата“, рече Груевска Илиевска.
На рочиштето присуствуваат обвинетите, роднините на жртвите, претставници на обвинителството и одбраната, голем број домашни и странски новинари, како и претставници на дипломатските мисии, набљудувачи од ОБСЕ, САД и ЕУ. Во објектот е присутен и медицински тим.
Обвинителниот акт за случајот беше поднесен на 13 јуни, а одобрен од судот на 3 октомври. За трагедијата се обвинети 38 лица – 35 физички и три правни – кои се товарaт за тешки дела против општата сигурност. Меѓу обвинетите има сопственици и управители на локали, поранешни градоначалници, инспектори, обезбедување и државни службеници. Постапката ја застапува тим од 15 јавни обвинители.
Предвидено е рочиштата да се одржуваат двапати неделно.